Нов лик за спортското игралиште во подрачното училиште „Блаже Конески“ во Варош

Со заеднички сили, волонтерска работа и поддршка од општествено одговорни компании, спортското игралиште во Варош доби целосно ново руво. Уште една успешна локална иницијатива која донесе огромна радост за најмладите прилепчани.
Сè започна како спонтана идеја на едно утринско кафе. По иницијатива и разговор со Александар, кој посочи дека дворот на подрачното училиште „Блаже Конески“ во населбата Варош е преку целиот ден исполнет со деца кои играат, се роди желбата овој простор да се уреди и разубави. Откако беше побарана и добиена дозвола од директорката на училиштето, тимот ентузијасти веднаш се фати за работа.
За време на неколкуте работни попладниња, на игралиштето беа направени следните промени:
- Нова кошаркарска табла: Дотраената табла беше заменета со нова, донирана од ООУ „Кире Гаврилоски - Јане“. Пред монтирањето, таблата беше освежена, а обрачот бојадисан.
- Нови фудбалски голови: Теренот доби нови голови изработени во рекордно време, кои се донација од прилепската компанија „Колукс“.
- Освежување на теренот и нови мрежи: Теренот беше бојадисан, поставени се мрежи на головите, а целосно е променета и заштитната мрежа на оградата за топките да не излегуваат надвор од игралиштето. Овие мрежи беа набавени со помош на средства донирани од партнерите „Pure Bite“.
Ова е навидум мал проект, но со огромен резултат кој секојдневно се гледа во радосните очи на децата кои сега имаат одлични услови за спорт и рекреација.
Организаторите на оваа акција упатуваат огромна благодарност до Александар и Душко за нивната несебична помош на терен, како и до наставникот по физичко воспитување Методија, со кого беа во постојана координација во текот на целиот проект. Секако, голема благодарност и до директорките на училиштата за укажаната доверба и соработка, како и до општествено одговорните компании Колукс и Pure Bite кои несебично ги поддржуваат локалните проекти во нашиот град.
Сега останува сите заедно да се грижиме и да го одржуваме игралиштето со најубавиот поглед во Прилеп!
Галерија
































