Златната генерација 2016 на ФК Перак од Прилеп: Нов трофеј во низата и потврда за фудбалскиот талент во регионот
Златната генерација 2016 на ФК Перак од Прилеп: Нов трофеј во низата и потврда за фудбалскиот талент во регионот.
Младите фудбалски таленти од генерацијата 2016 на ФК Перак од Прилеп уште еднаш покажаа зошто важат за една од најдоминантните и најперспективните екипи во Преспанско-пелагонискиот регион и пошироко, закитувајќи се со нов шампионски пехар во својата богата колекција.

Со повеќе од 15 освоени медали во последните три години, оваа генерација бележи континуиран раст и успеси на секој турнир каде што ќе настапи. Како редовни учесници на завршните турнири во организација на ФФМ, минатата сезона тие се пласираа меѓу најдобрите осум екипи во Македонија, докажувајќи дека можат рамноправно да се носат и да победуваат против најсилните школи во земјата.

Тимот е предводен од клупата од тренерот Влатко Тошески, чија стручна работа и посветеност создадоа препознатлив стил на игра и тимски дух. Силата на оваа екипа се гледа на секој дел од теренот, почнувајќи од сигурниот чувар на мрежата Алексеј Тофилоски (кој веќе настапува и за белградска Црвена звезда), преку столбот и „командантот“ во одбраната Дино Вашаревски (кој исто така беше дел од кампот на Црвена звезда), па сè до сите останати момчиња кои со срце и борбеност го носат дресот на Перак.

Овој нов трофеј е само уште една потврда за вредната работа, дисциплината и талентот што го поседува прилепскиот клуб, правејќи ја екипата на Перак вистински бренд и страв и трепет на фудбалските терени ширум Македонија.
