Прв меѓународен младински турнир во организација на ШК Прилеп
Десет момчиња и две девојчиња од Македонија, Србија и Австрија на првото издание на шаховскиот турнир „Прилеп Јуниор 2026“
Шаховскиот клуб Прилеп го одржува своето прво издание на меѓународниот јуниорски турнир „Прилеп јуниор 2026“, чии натпревари се одвиваат во кино салата „Мис Стон“ при градскиот Дом на културата.
На турнирот учествуваат вкупно 12 млади шахисти – десет момчиња и две девојчиња кои доаѓаат од Македонија, Србија и Австрија. Според организаторите, силите се прилично изедначени и квалитетот на играчите е висок, поради што е тешко да се издвои главен фаворит за победа.

Бидејќи резултатите од турнирот се бодуваат на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), се очекува голема и неизвесна борба за секој поен. Организаторите се надеваат дека овој квалитетен настан ќе прерасне во традиција која од година во година ќе се унапредува, со цел да се зголеми популарноста на шахот како во Прилеп, така и низ цела Македонија.
ШК Прилеп: Клуб со богата историја и големи амбиции
Инаку, ШК Прилеп е меѓу најуспешните во државата. Заедно со ШК Алкалоид, тие се единствените кои ќе се натпреваруваат со две екипи во првата лига (во машка и во женска конкуренција) на претстојното државно првенство во Струга.

Клубот веќе има меѓународно искуство зад себе, забележувајќи настап на Европскиот клупски куп во 2021 година. Тогаш нивните бои ги бранеше актуелниот светски шампион, индискиот велемајстор Домарају Гукеш, кој го освои златото како најдобар поединец на турнирот.

Од клубот најавуваат дека доколку успеат да ги соберат неопходните финансиски средства, годинава повторно ќе земат учество на Купот на европски шампиони, кој ќе се одржи во Херцег Нови, Црна Гора.