Прилепски средношколци со ВИ асистент во трката за еден милион денари
Тројца ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ со својата идеја Kept се меѓу најдобрите на натпреварот „Средношколец милионер“. Сега им треба поддршка од сограѓаните на јавното гласање.
Марко Марковиќ, Дамјан Темелкоски и Виктор Стевананџија дојдоа до идејата од лично искуство. Марко бил примен во приватна академија и му рекле дека ќе му стигне мејл со следните чекори. Мејлот никогаш не стигнал, никој повторно не се јавил и тој се откажал. Еден мал чекор не успеал, а никој не забележал.
Така настана Kept, асистент со вештачка интелигенција за приватни академии и школи. Тој забележува кога примен студент молчи, не уплатил или почнал да пропушта часови. Тогаш му пишува или му се јавува на неговиот јазик и нуди решение: плаќање на рати, друг термин или друга група. Персоналот го вклучува само кога е потребен човек.
Тимот веќе размислува и пошироко: академии во регионот и онлајн школи на англиски. Подоцна асистентот би можел да им помага и на автошколи, теретани и други бизниси што губат клиенти помеѓу „да“ и „платено“.
Kept не е единствениот прилепски тим на натпреварот. Тука е и тимот EcoBloom од СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“, со биоразградлив освежувач за автомобил што по употребата се сади.
Гласањето е отворено за сите. Поддржете ги нашите средношколци:
👉 https://milioner.mk/vote/4f8b650b-20e6-4f96-b591-c6afa55aaf1e